Случај „Насилство во Центар“: Дел од обвинетите не го разбираат обвинението

02.02.2018 15:51

Во Кривичниот суд- рочиште за насилството пред општина Центар. Процесот почна одново, бидејќи со новиот распоред, сега предметот е во рацете на друг судија. Обвинителката од СЈО, Фатиме Фетаи повторно го прочита обвинението, дел од обвинетите рекоа дека не го разбираат...

Груевски не разбира за што е обвинет. Побара прочистен текст за да може да се произнесе. Ваквиот став следуваше откако обвинителката Фетаи, на стартот од судењето за насилството во општина Центар изврши технички корекции во текстот на обвинителниот предлог, каде додаде дека двајца од инволвираните признале вина и се веќе осдуени, а за едно лице се раздвоила постапката.

Примерот на Груевски го следеа уште деветмина обвинети меѓу кои и екс- министерот Миле Јанакиески. Единствено нивната сопартијка Даниела Рангелова рече дека знае за што се товари.

Судењето почна од почеток поради промена на судијата. На претходните рочишта Груевски и Јанакиески рекоа дека разбираат за што се обвинети и дека не чувствуваат вина.

Ставот на СЈО е дека со ваквите потези одбраната сака да го одолговлекува судењето. На наредната главна расправа закажана за 13-ти март, спцијалните јавни обвинители треба да им достават прочистен текст од обвинителниот предлог.

Со цел да ги заштитат бизнис интересите кои им биле загрозени со евентуалната промена на Деталните урбанистички планови, Груевски побарал од Јанакиески, да организира пред општина Центар да се соберат партиски поддржувачи и да извршат грубо насилство за време на протестите во 2013-та година, стои во обвинителниот предлог. За реализација на планот, помогнале и тројца советници од ВМРО-ДПМНЕ од кои двајца признаа вина и добија условни казни. 

 

Анита Димитријевска