Протест и контрапротест за „Македонија“ во Атина

04.02.2018 10:36

Грците, според најавите масовно „ќе го бранат името Македонија“. „Солун кажа, на ред е Атина да извика: Македонија е една и грчка“, порачаа организаторите на протестот во видео повикот, објавен на социјалните мрежи, а уште од завчера започнаа со подготовките на Синтагма.

Под силни безбедносни мерки, со затворени улици и метро станици на плоштадот Синтагма пред грчкиот парламент, ќе се одржи долго најавуваниот протест, јавува МИА од Атина.

Грците, според најавите масовно „ќе го бранат името Македонија“.  Од сите краишта на земјата, организирани со автобуси, бесплатно или по цени со 50 отсто попуст, ќе пристигнат во „еднодневна екскурзија“ во грчката престолнина.

„Солун кажа, на ред е Атина да извика: Македонија е една и грчка“, порачаа организаторите на протестот во видео повикот, објавен на социјалните мрежи, а уште од завчера започнаа со подготовките на Синтагма.

Според изјавите на организаторите за грчките медиуми, процените се дека денеска на собирот ќе има најмалку 1 милион граѓани.

На присутните или лично или преку снимена порака со поздравен говор ќе им се обрати познатиот грчки композитор Микис Теодоракис, а говорници ќе бидат и професор по уставно право, тројца митрополити од ГПЦ и претставници на организаторите.

Паралелно со протестот на плоштадот Синтагма, на оддалеченост од само 800 метри, анархистите подготвуваат контра протест, односно антифашистички собир. Официјалниот почеток е закажан за 12 часот, два часа порано од оној за „Македонија“.

Двата протеста, според медиумите кај јужниот сосед, го вклучија алармот во грчката полиција. Постои страв, загриженост, но и зголемена раздвиженост кај полицијата за да се избегнат евентуални инциденти.