„Фич” го подобри изгледот на Македонија во позитивен

03.02.2018 11:18

На подобрувањето на изгледот влијаеше политичката стабилизација и подобрувањето на клучните меѓународни односи, а особено се нотирани напредокот на „Планот 3-6-9“ на Владата, резултатот на локалните избори како потврда на мандатот за реформи...

Агенцијата „Фич“ соопшти дека го подобри изгледот на Македонија од негативен во позитивен, истовремено потврдувајќи го кредитниот рејтинг ББ.

На подобрувањето на изгледот влијаеше политичката стабилизација и подобрувањето на клучните меѓународни односи, а особено се нотирани напредокот на „Планот 3-6-9“ на Владата, резултатот на локалните избори како потврда на мандатот за реформи, како и активноста на СЈО околу прислушуваните разговори. Понатаму Фич наведува дека дипломатските сигнали околу решавањето на спорот со името се позитивни и дека Македонија очекува позитивна препорака од Европската Комисија и почеток на преговорите во текот на 2018 година.

Ревизијата на изгледот на позитивен, исто така, ги одразува оценките дека буџетскиот дефицит во 2017 изнесува 2,7 проценти од БДП, наспроти предвидениот дефицит со ребалансот од 2,9 проценти. Притоа, се истакнува зајакнатата доверба во посветеноста на Владата кон фискалните таргети, како и плановите за постепено намалување на дефицитот на 2 отсто на среден рок. Според оценките на „Фич“, во 2017 година, државниот долг изнесува 39,2 отсто од БДП а јавниот долг изнесува 47,4 отсто од БДП, што претставува прво годишно намалување на јавниот долг, после континуираниот деветгодишен раст од 23 проценти од БДП во 2008 година.

На потврдата на рејтингот ББ влијаело оддржувањето на ниска инфлација и финансиска стабилност, поддржани од кредибилна и кохерентна макроекономска и финансиска политика, конзистентна со долготрајниот фиксен девизен курс.