Сирија

Русија ги засили воздушните напади во Идлиб

05.02.2018 12:50

Русија ги засили нападите во сириската провинција Идлиб по соборувањето на авионот СУ-25. Цели на воздушните удари се позициите на бунтовниците блиски до Исламска држава...

Руската авијација ги интензивира нападите врз градовите во сириската провинција Идлиб контролирани од бунтовници, откако во саботата беше урнат руски авион, а пилотот беше убиен. Според извори од цивилната одбрана има загинати и повредени. Според очевидци, во градот Мааран Ан Нуман била нападната болницата, а при нападот во Кафр Набл се претпоставува дека загинале најмалку петмина цивили. Во градот Идлиб, пак, е погодена петкатна зграда каде најверојатно загинале 15 лица.

„Воените авиони со тешки проектили нападнаа и оштетија четирикатница и седумкатница. Извлековме вкупно 6 тела, а едно дете беше повредено“, изјави Абу Хамдо, директор на цивилна одбрана во Идлиб.

Руското министерство за одбрана објави снимка од нападот, на која се гледа како ракетите паѓаат на земјата и уништуваат цели во серија експлозии.

Сириските бутновници во текот на викендот соборија руски борбен авион од типот СУ-25 во провинцијата Идлиб, а одговорноста за соборувањето на авионот ја превзеде терористичката група Тахрир Ал Шам, поврзана со поранешниот огранок на Ал Каеда во Сирија.

Бунтовниците најпрвин соопштија дека ги заробиле двајцата пилоти, но руското Министерство за одбрана соопшти дека пилотот на авионот успешно се катапултирал, но подоцна загинал во борбата против терористите.

Во соопштението стои и се додава дека рускиот авион бил соборен со преносив против-воздушен ракетен систем.

 

Марина Ристова