Извозот лани со раст од 18,5 проценти

05.02.2018 14:37

Од Македонија најмногу се извезувале катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија...

Вредноста на извезените стоки од Македонија минатата година изнесува 5.671.466 илјади американски долари и бележи раст од 18,5 проценти во однос на претходната година. Вредноста на увезената стока, во истиот период, изнесува 7.719.852 илјади американски долари, што е за 14,2 отсто повеќе во споредба со претходната година, објави Државниот завод за статистика.

Според објавените податоци, трговскиот дефицит во периодот јануари-декември 2017 година, изнесува 2.048.386 илјади американски долари, а покриеноста на увозот со извоз изнесува 73,4 отсто.

Од Македонија најмногу се извезувале катализатори на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетови на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, моторни возила за превоз на 10 или повеќе лица, вклучувајќи го и возачот, со мотор со внатрешно согорување со палење со помош на компресија (дизел или полудизел) и облека.

Во текот на минатата година најмногу се увезувало платина и легури на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени, обработувани не повеќе од топловаланите со ширина од 600мм или повеќе, намотани.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.