Продолжуваат преговорите за новата владина коалиција во Германија

05.02.2018 16:46

Преговорите на Демохристијаните и Социјалдемократите продолжуваат и во наредните денови. Неделниот, а и денешниот состанок за нова владина коалиција на Германија повторно заврши со отворени прашања. И покрај несогласувањата, претставниците од двете страни изразија оптимизам за сложениот процес...

Конзервативците на германската канцеларка Ангела Меркел и социјалдемократите на Мартин Шулц го пречекорија зададениот краен рок за преговорите кои треба да резултираат со формирање  нова влада. Причина за дополнителните средби по неделниот состанок се несогласувањата за две клучни прашања: договорите за вработување и реформите во здравството.

Социјалдемократите сакаат да исчезне поделбата по основ на приватното и државното лекување и да се прошират работничките права за да им се овозможи на вработените да бираат меѓу полно и скратено работно време, доколку се грижат за дете или за роднина. Партијата на Меркел, пак, смета дека оваа мерка би била многу скапа. 

„Долго се боревме за трошоците на пациентите во приватниот и државниот скетор и сакаме да постигнеме нешто. Ова е барањето на нашата партија. Не сакам да заминеме со празни раце. Оптимист сум дека ќе успееме“, изјави Карл Лаутербах, СПД.

Покрај овие две спрони теми, остануваат да се решат уште десетина помали прашања во наредните денови. Компромис е постигнат да им се помогне на младите семејства кои немаат можност да купат сопствен дом. Ќе добијат државна поддршка од 1.200 евра за секое дете годишно, што ќе го чини буџетот 440 милиони евра годишно. Согласност беше постигната и за проширување на покриеноста со интернет во Германија.

Доколку успешно завршат преговорите, зелено светло за влез во коалицијата со конзервативците ќе мора да даде и социјалдемократската база, што е неизвесно со оглед на тоа дека голем дел од партијата се преотиви на идејата за „Голема коалиција“.

 

Маја Филдишев