Евроинтеграции

ЕК ќе ја презентира Стратегијата за Западен Балкан

06.02.2018 10:16

Подготвена Стратегијата за проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан. Македонија очекува почеток на преговорите со Унијата и прием во пакет со Србија и Црна Гора до 2025-та година. Според стратегијата, за Македонија и Албанија старт на преговорите со ЕУ во 2019-та.

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и шефицата на дипломатијата, Федерика Могерини ќе ја презентираат Стратегијата за Западен Балкан. Вицепремиерот за евроинтеграции Османи смета дека Македонија треба да добие јасна европска перспектива и заедно со Србија и Црна Гора во 2025-та година да стане дел од ЕУ.

По затворањето на отворените политички прашања со соседите, очекува датум за преговори. Според Стратегијата, за Македонија и Албанија почеток на преговорите во 2019-та.

Во најновата верзија на Стратегијата за Западен Балкан, се наведува дека земјите од регионот ќе станат членки на ЕУ, „но не во состојбата во која се наоѓаат денес“.

Црна Гора и Србија и натаму се идентификуваат како лидери во регионот, па нивниот прием во ЕУ се предвидува до крајот на 2025 година, со тоа што пристапните преговори би завршиле во 2023 година. Истата година, кога лидерите во регионот ќе ги завршат преговорите, се предвидува почеток на процесот со Босна и Херцеговина.

Крајот на 2019 година е рокот до кој Србија и Косово би требало да постигнат договор за сеопфатна нормализација на односите.

Делегацијата на ЕУ во земјава ќе организира директен пренос на прес- конференцијата, по која на новинарите ќе им се обрати амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар.