Жртви и повредени во вооружена престрелка во Колорадо

06.02.2018 10:51

Кражба на моторно возило заврши фатално за еден од тројцата застрелани полициски офицери. Во последните неколку години, во американската сојузна држава Колорадо беа регистрирани неколку напади со оружје врз полициските службеници...

Еден офицер загина, а двајца беа повредени во вооружена престрелка при кражба на моторно возило во американскиот град Колорадо Спрингс. Пукотниците почнале откако полицајците го пресретнале осомничениот напаѓач кој успеал да повреди и цивил.

„На местото на злосторството е усмртен еден осомничен. Не постои друга опасност за заедницата. Полицијата не трага по други осомничени“, изјави Пит Кери, шеф на полицијата во Колорадо Спрингс.

„Жалам што морам да соопштам дека при вршење на службената должност беше убиен 34-годишниот заменик-шериф Мика Флик. Тој беше сопруг и татко на седумгодишни близнаци. Загина на 11-годишнината од неговата служба овде“, изјави Бил Елдер, шериф.

Флик е третиот офицер кој е убиен за време на службена задача во Колорадо во последните 5 недели. Гувернерот на Колорадо Џон Хикенлупер ги повика граѓаните да се обединат и да му се спротивстават на насилството.

„Слушнав 6- 7 пукотници, имаше мала пауза по првиот. Еден маж се појави од зад аголот, не можеше да оди. Гледаше наоколу, беше исплашен. Потоа влезе во зградата.“

„Четворица беа на земја. Едниот изгледаше како да има инфаркт. Мислев дека е убиен, не знам.“

Неодамна беа усмртени двајца офицери и во Денвер. Лани, заменик-шериф во Колорадо загина откако азилант отвори оган кон офицерите кои одговориле на повик. Зголемената стапка на криминал, брзорастечкото население, и сѐ поголемиот број на наркозависници, се меѓу главните причини за зачестените физички напади врз полициските службеници.

 

Маја Филдишев