Евроинтеграции

Хан и Могерини ќе ја презентираат Стратегијата за Западен Балкан

06.02.2018 12:59

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и шефицата на дипломатијата, Федерика Могерини ќе ја презентираат Стратегијата за Западен Балкан. Македонија очекува да добие јасна европска перспектива и заедно со Србија и Црна Гора во 2025-та година да стане дел од ЕУ. Годинава се очекува датум за преговори. Според стратегијата, за Македонија и Албанија почеток на преговорите во 2019-та...

Европската унија сака да ја врати довербата во процесот на проширување кон сите држави од Западен Балкан и на најнапредните земји во тој процес да им понуди можна временска рамка, според која, кон крајот на 2025-та година би можеле да станат членки на Европската унија. Тоа би требало да биде главната позитивна порака од Стратегијата за проширување, која ќе биде објавена попладево во Стразбур.

Но, зборувајќи за иднината на ЕУ, во расправата со премиерот на Хрватска, Андреј Пленковиќ, претседателот на Европската комисија, Жан Клод Јункер, непосредно пред објавувањето на стратегијата нагласи:

„Не е точно, не е точно кога се зборува дека јас или Комисијата рековме дека до 2020 година ќе биде датумот кога Србија и Црна Гора треба да бидат подготвени за членство. Тоа е датум кој треба да влее оптимизам и надеж и да ги охрабри да продлжатна патот кон Европа. Јас реков дека пред 2019 нема да има проширување и тоа ги вознемири духовите, сега сите се возбудуваат дека е наведен тој индикативен датум за Србија и Црна Гора.“

Притоа Јункер јасно им порача на на европратениците:

„Но мора да се одлучите или сакате проширување кон државите од Западен Балкан, или не сакате, а јас би сакал државите од Западен Балкан да можат да станат членки на ЕУ во моментот кога ќе ги исплонат сите услови, сега тие не ги исполнуваат и треба да направат сѐ за да ги исплонат. Ние имаме обврска да им помогнеме да го поминат тој тежок пат.“

Претседателот на Европската комисија, на крајот инистираше на потребата од решавањето на граничните и билатералните конфликти на земјите канидати пред да станат членки на ЕУ, нагласувајќи дека ниту една земја од Западен Балкан нема да влези во Унијата пред да ги реши своите спорови со соседите.

Задачата да ја претстават Стратегијата ќе ја имаат високиот комесар на ЕУ за заедничка надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини и еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Нацрт- стратегијата досега претрпе повеќе измени. Според извори кои имале увид во последната верзија, сите земји од Западен Балкан сега рамноправно се спомнуваат како „шесте партнери од Западниот Балкан“ (или западнобалканска шесторка - WB 6).

Според истите извори, во Стратегијата е наведено дека сите земји во регионот еден ден ќе станат членки на ЕУ, но не во состојбата во која се денес. Наводно, во последната верзија на документ повеќе не се спомнуваат датуми, освен 2025-та година, како можна година за проширување, но „по испорака на реални и одржливи реформи и дефинитивни решенија за спорови со соседите“.

Значи, 2025-та не значи краен рок, туку „отворена перспектива“, „процесот ќе остане заснован исклучиво на заслуги и само ако се исполнети условите, тогаш 2025-та година може да биде реален датум за пристапување“, се потенцира во Стразбур.

Најважните елементи на Стратегијата ќе бидат повиците за решавање на билатералните спорови пред зачленувањето во ЕУ.

Во стратегијата се потенцирала и нужноста од искоренување на организираниот криминал и корупцијата, регионалната соработка и помирување, деполитизација на судството, транспарентност, почитување на слободата на медумите, а биле наведени и конкретни акциски планови со кои ЕУ ќе помогне во развој на регионот за да може тој што побрзо да се доближи до стандардите на ЕУ, а како што рече и Јункер посебно внимание се обрнува на решавањато на граничните спорови.

Во неа се укажува и на потребата да се работи повеќе на решавањето на судбината на исчезнатите во текот на војните и на надминување на разликите од минатото, кои и по 25 години сѐ уште се присутни.

Досега повеќе држави на Европската комисија ѝ испратија свои сугестии во однос на она што треба да биде наведено во Стратегијата во однос на различни теми. Претседателот на ЕК доби писмо и од 12 земји (Австрија, Чешка, Шпанија, Ирска, Италија, Литва, Латвија, Унгарија, Малта, Полска, Словачка и Словенија), кои предлагаат еднаш годишно да се одржува самит на ЕУ со шесте земји од Западен Балкан.

Тие предлагаат ресорните министри од „шесторката“ да учествуваат на министерските состаноци на ЕУ по прашањата за заштита на околината, здравството, трговијата и надворешна политика. Според земјите предлагачи, тоа ЕУ „не би ја чинело ништо“, а би имало големо политичко влијание и би било корисно и за земјите од регионот и за репутацијата на Унијата.

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ