Малдиви: Вонредна состојба, уапсен поранешниот претседател

06.02.2018 13:17

На Малдиви прогласена вонредна состојба. По наредба на претседателот Абдула Јамин уапсени судии од Врховниот суд и поранешниот претседател. Опозицијата ова го нарече „чистка“ на островот. Полицијата употреби палки против демонстрантите...

Полицијата на Малдивите го уапси поранешниот претседател Маумун Абдул Гајум, неколку часа откако беше прогласена вонредна состојба во земјата. Гајум, полубрат на актуелниот претседател Јамин Абдул, владеше на Малдивите 30 години, се до 2008-ма година. Медиумите претходно известија дека безбедносните сили влегле во Врховниот суд, апсејќи го претседателот и двајца судии, под обвинение за корупција.

„Не сум сторил ништо за да бидам уапсен. Ве повикувам да останете цврсти и решителни. Нема да се откажеме од реформите на кои работиме“- изјави Маумун Абдул Гајум, поранешен претседател на Малдивите.

Ненадејната одлука на судот минатата недела да го ослободи од притвор лидерот на опозицијата доведе до кризата која се зголемува, но и до судири меѓу приврзаниците на опозицијата и владата. Судот минатата недела заклучил дека ослободувачката одлука била изречена под политичко влијание, што предизвика протести кај опозицијата со барање да се почитува одлуката на судот за нивно ослободување.

Администрацијата на претседателот потоа соопшти дека нема да ја спроведе одлуката на судот поради многубројните законски предизвици.

Јамин, кој е на власт од 2013-та година, се соочува со притисоци да го ослободи поранешниот претседател Мохамед Нашид од 13-годишната затворска казна, како и осуммина опозициски лидери, меѓу кои е и синот на поранешниот претседател Гајум.

Обединетите нации и неколку странски влади, меѓу кои и САД ги повикаа Малдивите да ја почитуваат одлуката на судот. Опозицијата, пак ги повика странските влади да и помогнат на земјата да го тргне од власт претседателот Абдул Јамин и неговиот репресивен режим.

 

Марина Ристова