Решавачки ден за коалициските преговори во Германија

06.02.2018 13:21

Решавачки ден за коалициските преговори на Демохристијаните и Социјалдемократите. Во неделата, крајниот рок за решение не беше испочитуван, а и новото продолжение на разговорите заврши со отворени прашања...

Уште еден „Ден Д“ за преговорите за голема коалиција во Германија. Во канцелариите на Демохристијанската партија во Берлин, конзервативците и социјалдемократите се обидуваат да ги надминат разликите за прашањата за кои не успеаја да постигнат согласност во зададениот и во продолжениот рок.  Германската канцеларка Ангела Меркел, којашто е и лидер на Демохристијанската унија побара компромис во финалната рунда.

„Живееме во турбулентни времиња. Како народни партии, од нас се очекува да формираме влада за доброто на луѓето. Влада која ќе биде стабилна и која постојано ќе создава услови за континуиран просперитет и безбедност во секоја смисла. Не смееме да заборавиме на ова кога зборуваме за малите и деталните прашања. Ова е за доброто на земјата и за тоа дали ЦДУ и СПД се во позиција да го најдат вистинскиот одговор во форма на владин состав“, изјави Ангела Меркел, канцелар на Германија и лидер на ЦДУ.

ЦДУ и сестринската партија од Баварија, Христијанско-социјалната унија се против драстични промени во здравството, додека СПД инсистира на нов систем во кој нема да постои разлика меѓу пациентите со приватно и државно осигурување. Мартин Шулц бара и пофлексибилни договори за вработување.

Досега двете страни ги усогласија ставовите за помош на младите семејства за сопствен дом, паричен надомест за секое дете, поголем фонд за клиниките и  докторите во руралните области, проширување на интернет мрежата, и за годишен лимит меѓу 180.000 и 220.000 мигранти на кои ќе им биде обезбедено сместување во Германија.

Доколку преговорите се финализираат со успешен заклучок, 450.000 регистрирани членови на СПД ќе добијат можност да гласаат за нацрт-договорот за коалиција. Јавноста ќе чека околу три седмици за резултатите од гласањето. Ако се усвои документот, новата федерална влада ќе биде формирана за велигденските празници.

 

Маја Филдишев