Разговори за името

Влада на РМ: Можно е заемно прифатливо решение, има добра волја за надминување на проблемот

06.02.2018 14:50

Изнаоѓање заемно прифатливо решение е можно, и во тек е преговарачки процес- информираат од Владата. Потребни се добра волја и компромис од двете страни да се дојде до решение кое ќе ги почитува достоинството и идентитетот на граѓаните на двете држави. Реакцијата доаѓа по изјавата на грчкиот шеф на дипломатијата Коѕијас дека Скопје треба јавно да излезе и да каже која ќе биде придавката во сложеното име. За демонстрираната добра волја од двете страни јавноста беше целосно информирана, велат од Владата. Според ВМРО-ДПМНЕ пак, власта избегнува одговори и секојдневно се прави дефокус со разни теми...

„Изнаоѓање взаемно прифатливо решение е можно и за таа цел во тек е преговарачки процес“- македонската Влада одговори на прозивките од шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас кој во интервју за „Еуроњуз“ изрази загриженост зашто, според него, во Скопје не се подготвувал теренот за народот да го прифати решението што ќе биде договорено, како што тоа го правела атина.

Според македонската Влада, јавноста е информирана за целиот процес.

„Потребна е добра волја и компромис од двете страни да се дојде до решение кое ќе ги почитува достоинството и идентитетот на граѓаните на двете држави. За секој следен значителен исчекор во текот на преговорите јавноста, ќе биде повторно целосно информирана“, стои во владиното соопштение.

Коѕијас во интервјуто за грчкиот медиум стои на ставот дека во преговорите се разговара за сѐ, вклучително и за идентитетот. Првиот човек на дипломатијата во Атина вели дека ги преферираат придавките што имаат „словенска нијанса во нивната фонетика“.

„Грчката влада презеде одговорност да каже јавно дека сака промена на името и дека ова име ќе биде сложено за сите употреби со конкретна одредница и излеговме јавно и кажавме дека во ова име ќе биде вклучен и терминот „Македонија“. Ние си ја завршивме нашата работа. Уште чекаме од Скопје, конечно да излезе, јавно да каже во ова сложено име која ќе биде придавката пред именката и да го опишат тоа пред нивниот народ“, рече шефот на грчката дипломатија, Коѕијас.

Интервјуто на Коѕијас остави отворени прашања и кај македонската опозиција. Во соопштение до јавноста, бараат Владата да се изјасни што договара.

„Што договорил Заев во Давос со грчкиот премиер Ципрас? Зошто грчките власти инсистираат да не се излегува од рамката на тој договор? Што се крие од македонската јавност? Во земјава владее целосен молк по овие прашања кои се погласно се поставуваат“- прашува ВМРО-ДПМНЕ.

Дека географската област Македонија не ѝ припаѓа исклучиво на Грција стои и портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос, кој во интервју за државната телевизија ЕРТ истакна дека само 51 отсто од Македонија ѝ припаѓа на неговата земја.  

 

Катерина Топалова