Образование и наука

Финансиите- главна пречка за развој на науката во Македонија

06.02.2018 15:31

Главна пречка за развојот на науката во Македонија е финансирањето, потребни се повеќе пари за научно- истражувачката дејност, смета научната фела. Иднината на науката треба да се базира врз добро изработена стратегија која долгорочно ќе ги дефинира целите и ќе биде релевантна за развојот на стопанството и на државата во целина. Потребен е нов стручен кадар, но и подобри услови за студентите од техничките науки...

Главна пречка за развојот на науката во Македонија е финансирањето, потребни се повеќе пари од буџетот за истражувачката дејност, смета ректорот на најстариот универзитет во земјава, Никола Јанкуловски.

Првиот човек на УКИМ бара добро изработена стратегија која долгорочно ќе ги дефинира целите и ќе придонесе за развој на стопанството и на државата во целина. Универзитетот прави максимални напори за подобрување на квалитетот на образованието, но како ќе се развива зависи од тоа колку пари ќе се одвојат за науката, вели тој.

За развој на информатичките науки е потребен нов кадар на факултетите, нови објекти, но и создавање услови за побрзо вработување на информатичарите- смета деканот на ФИНКИ.

На дебата за развој на науката, проректорот на УКИМ, Владимир Петрушевски рече дека државата треба да ги види своите можности и да помогне. Според него, набавката и подарувањето лаборатории биле драгоцени за некои од членките на УКИМ, но се потфрлило во други области.

Учесниците на дебатата укажаа на потребата за објавувување научни трудови, на важноста на електронските списанија, на потребата од подмладување на кадар и нова апаратура.

 

Викторија Милевска