Анѓушев: Изготвен законот за спроведување на планот за економски раст

06.02.2018 15:42

По завршната сметка во март, компаниите ќе може да аплицираат за мерките од Планот за економски раст. Вицепремиерот Анѓушев најави директна државна помош за фирмите кои имаат раст на приходот, повисок извоз и инвестиции...

Фирмите ќе може да аплицираат за директна државна помош по поднесување на завршните сметки, роковите ќе бидат запазени, законското решение со мерките од планот за економски раст е изготвено- тврди вицепремиерот за еконосмки прашања. До крајот на март очекува Законот да го мине и собранискиот филтер. Во него треба да бидат дефинирани условите под кои домашните и странски компании ќе може да сметаат на финансиска подршка од владината каса. Повеќе нема да се преговара и потпишува договор со секој компанија, вели Анѓушев.

„Законот е рамка во која нема потреба посебно да се преговара и потпишува договор со секоја компанија. Со него ќе биде одредено точно што треба да добие секоја компанија. На тој начин компаниите ќе имаат предвидлива ситуација и нема да зависат од волјата и субјективната желба на никого и однапред ќе можат да имаат проекција за своите инвестиции и како ќе бидат помогнати од државата“, вели вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Сѐ додека не се донесе Законот, со сите компании- инвеститори со владина одлука ќе се потпишуваат поединечни договори според мерките предвидени во Планот за економски раст- вели Анѓушев. На овој начин, се реализира и договорот со „Чагатај кабло“ за долготраен закуп на градежно земјиште во Технолошката зона Бунарџик. Државата ќе преземе мерки да им помогне и на вработените и на компанијата „Веибо груп“ доколку одлучат да ги продолжат инвестициите, но нема обврска да ги намирува платите на работниците, посочи Анѓушев. Ги повика фирмите што добија грантови за зајакнување на конкрнтност и реформи во администрацијата од касата на Европската унија да соработуваат со институциите. Со 25 проекти вредни 3,3 милиони евра треба да се подобри соработката меѓу владиниот и невладиниот сектор- посочија од делагацијата на Европската унија.

„Проектите се обезбедени од ЕУ со 10- процентно кофинансирање од различни владини институции и невладини организции кои се добитници на грантовите, лани ЕУ во Македонија склучила договори во вредност од 122 милиони евра, а потрошила 70 милиони за да го поддржи пристапниот процес на земјава кон Унијата“, вели Никола Бертолини, делегација на ЕК во Македонија.

Владата вети дека ќе биде добар партнер на невладиниот сектор и од граѓанските организации очекува да станат коректив на владините политики.

Сузана Фиданска- Стоевска