Пад на Волстрит

Тешки моменти за светските берзи

06.02.2018 15:52

Драматичен пад на курсот на Волстрит, рекордни загуби на берзата во Токио, мрачни изгледи и за германскиот ДАКС. Берзите низ светот доживуваат тешки моменти. Минусот на Волстрит во еден момент достигна цели 1.600 поени. На финансиските пазари кружи стравот дека времињата на евтини пари завршија. Се шпекулира дека каматните стапки, особено во САД, ќе растат многу побрзо од очекуваното.

Шокот од најголемиот крах на Волстрит во последните шест и пол години, кога индексот „Дау Џонс“ потона за повеќе од четири насто предизвика страв од верижна реакција на сите други пазари на капитал. „Дау Џонс“ во еден момент имаше најголем пад од речиси 1.600 поени што е историски најмногу, но за среќа заврши со минус од 4,6%.

Ова ги повлече и другите индекси. „Стандард и Пурс„ загуби 4,1%, а „Насдак“ 3,78. Овој пад е најголем од август 2011-та, кога пазарите беа под притисок од должничката криза во еврозоната и намалениот кредитен рејтинг на САД.

„Што се случи денеска кога пазарот беше намален можеби 700 или 800 поени. Многу од овие алгоритми удрија во продажба и имаше огромен промет. Пазарот падна можеби илјада поени за само неколку минути. Значи еден од основните негативци денеска беше програмата за тргување“, вели Џејмс Мек Брајд, извршен директор на „Мек Брајд груп“.

Секавично реагираа сите други берзи денеска. Тајванската, по отворањето експресно падна за 4,5%, индексот во Хонг Конг забележа минус 4,4, додека шангајскиот индекс загуби 2,2%. Германскиот водечки индекс ДАКС загуби на почетокот - 2,83%.

Американските аналитичари сметаат дека пазарот на акции отишол предалеку и премногу брзо и дека е време да се притисне копчето за ресетирање. Сепак на инвеститорите им препорачуваат да купуваат за да ги искористат ниските цени на пазарот. Американската администрација смирува, потсетувајќи на податоците за нејзиниот подем.

„Продажбата претставува одлив и проток преку нашите берзи и го препознаваме тоа. Најважните бројки на кои треба да се фокусираме се нашите основи. Основите на оваа економија и натаму се многу силни“, изјави Мајк Пенс, потпредседател на САД.

Пенс потсетува на креираните повеќе од 200 илјади работни места, невработеноста што е на најниско ниво во последните 17 години и растот на платите од 2,9%. Сепак, Пенс признава дека вчера видовме пад на пазарот и покрај фактот дека Трамп успехот на берзата го зема како знак на успех за неговите администаративни потези.

 

Свето Николовски