Заев: Подготвени сме за географска одредница за името

06.02.2018 19:02

Премиерот на прес- конференцијата со евроамбасадорот Жбогар, посочи дека прашањето за името е суштествено и дека треба да се даде шанса низ преговорите да се изнајде решение...

Подготвени сме да прифатиме географска одредница за името, рече премиерот Зоран Заев, на заедничката прес-конференција со евроамбасадорот Самуел Жбогар. Премиерот посочи дека прашањето за името е суштествено и дека треба да се даде шанса низ преговорите да се изнајде решение.

„Сакам навистина да успееме во преговарачкиот процес, и затоа тука е секогаш дозата на внимателност. Да му дадеме шанса на успехот, но притоа ќе кажам- ние сме подготвени за географска одредница и до тука ќе застанам, затоа што прашањето е суштествено и треба да дадеме шанса низ преговорите во изнаоѓање на решение“, изјави Заев.

Колку и да е тешко изнаоѓањето решение на спорот, премиерот Заев изјави дека е оптимист и дека внимателно ги следи настаните во Грција и реакциите дома. Кажа дека двете страни ќе продолжат да разговараат за сите идеи што би можеле да доведат до решение на спорот за името.