Разговори за името

Подготвеност за географска одредница, шанса низ преговори да се најде решение

07.02.2018 10:18

Премиерот Заев вчера соопшти- подготвени сме за географска одредница, прашањето е суштествено и треба да дадеме шанса низ преговори да се најде решение. Според него, сѐ што може да помогне во затворање на спорот треба да се искористи. Владата на седница донесла одлука за преименување на аеродромот во Скопје и на автопатот што води кон јужната граница. Евроамбасадорот Жбогар на владата и ја предаде Стратегијата за Западен Балкан...

Подготвени сме за име со географска одредница, објави премиерот Зоран Заев посочувајќи дека прашањето за спорот за името е суштествено. Вели- сѐ што може да помогне кон изнаоѓање на решение треба да го искористиме.

Фокусирани сме на суштествени чекори кои ќе доведат конечно до решавање на овој чуствителен проблем во интерес на двете земји. Заев соопшти дека Владата донела одлука автопатот да го преименува во „Пријателство“, а аеродромот во „Меѓународен аеродром Скопје“.

За време на заедничката прес конференција, по предавањето на Стратегијата за Западен Балкан, евроамбасадорот Жбогар рече дека интегрирањето во Европската унија предвидува затворање на сите отворени прашања меѓу државите.

Според евроамбасадорот, земјите од Западен Балкан со сите предизвици денес не се подготвени за членство во Европската унија.

Премиерот Заев е задоволен од стратегијата бидејќи во неа се истакнува оти Република Македонија направила значителен напредок на својот европски пат, а тоа е заеднички успех на сите во земјава. Ги повика сите политички чинители и институции максимално да се вложат во процесот на реформи.