Политика

Оптимизам и подготвеност за решение на прашањето за името

07.02.2018 12:40

Еврокомесарот Хан е оптимист и како што вели, во блиска иднина, очекува решение на спорот околу името. Вицепремиерката Шекеринска и лидерот на ДУИ, Ахмети изразија подготвеност да се дојде до конечно решение, а грчкото МНР ја поздрави владината одлука за преименување на аеродромот и на автопатот...

Владата не открива повеќе детали по вчерашната изјава на премиерот Зоран Заев дека се подготвени за име со географска одредница. Остануваат дискретни по прашањето за да не му наштетат на преговарачкиот процес. Владиниот портпарол изјави дека нова средна на премиерите Заев и Ципрас сѐ уште не е закажана.

„Преговорите се процес од сериозно значење, се работи за проблем кој е многу долг и кој води кон решение, кое ќе биде резултат на взаемен компромис, достоинствено решение што ќе го заштити дигнитетот на граѓаните од двете земји“, изјави владиниот портпарол, Миле Бошњаковски.

Еврокомесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан во интервју за „Дојче Веле“ вели дека очекува решение за името во блиска иднина.

„Потребно е лидерство и ако сакате и државништво, не само да се најде решение туку и за да се постигне согласност и да се обезбеди неопходното политичко мнозинство. Тоа е предизвик за лидерите во двете земји. Јас сум во постојан контакт со нив, и тие се многу посветени и знаат дека е важно да се најде решение, затоа што не може да остане таков нерешен проблем меѓу две земји во центарот на Европа“, изјави еврокомесарот Хан.

За отвореното прашање со Грција, во интервју за телевизијата „Скај“ говорат и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Тие изразуваат оптимизам дека може да се дојде до решение за името.

„Фактот дека преговараме некаков вид сложено име со некаков вид придавки или додавки, покажува дека постојат двоумења, емоции, но и волја да одиме напред“- вели министерката Шекериска.

„Ние го поддржуваме напредокот. Ќе биде големо постигнување, доколку успешно се заврши ова поглавје. Ќе не растовари многу, од нешто што со години ни тежи. Ние сме подготвени. И во минатото бевме подготвени да го поддржиме процесот до конечно решение, бидејќи не интересира многу интеграцијата на земјата во НАТО и во ЕУ“, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Грчкото министерство за надворешни работи ја поздрави одлуката за преименување на аеродромот и на автопатот, ја оцени како позитивен чекор.

„Одлуката е позитивен чекор за пресврт на она што беше направено во изминатата деценија и ги отежна односите меѓу двете држави. Тоа е важен развој во насока на справување со иредентизмот и се надеваме дека ќе значи отворање на ново поглавје во односите меѓу двете земји и двата народа“, соопшти грчкото МНР.  

Премиерот Зоран Заев соопшти дека Владата е подготвена да прифати име со географска одредница. ВМРО-ДПМНЕ, пак, побара одговор дали името ќе има англиска транскрипција, дали ќе биде само за меѓународна употреба, дали Владата на Заев е подготвена за отстапки и за Уставот, јазикот, националноста и меѓународните кодови на земјава. 

 

Ирина Гелевска