Со 10- годишна стратегија ќе се развива спортот во Македонија

07.02.2018 15:58

Една куќа за 32-те федерации, спортски сали во нивна сопственост, базени во училиштата, часови по пливање. Договорени насоките по кои ќе се движи македонскиот спорт. Претставена 10- годишната национална стратегија. Спортските работници побараа повеќе пари за развој на клубовите...

Со 10-годишна стратегија ќе се развива македонскиот спорт. Владата, Агенцијата за млади и спорт и Федерациите ги договорија мерките што треба да донесат поголем бенефит за спортистите. Ќе се менува Законот за спорт, повеќе пари ќе се вложат во спортистите, ќе се подобрува инфраструктурата, спортските сали ќе бидат во сопственост на федерациите, ќе се реконструира базенот во Струга.

Приоритет ќе биде здравјето на младите, вели директорот Каевски, кој информираше дека во некои училишта се планира изградба на мали базени.  

Без спортот нема здраво општество, согласни се спортските работници. Велат, најважен е психофизичкиот развој на децата, но потребна е и поголема инвестиција во домашните играчи. Кошаркарот Гечевски смета дека на клубовите им се потребни повеќе пари, а професорите со став дека науката треба да се поврзе со спортот.

Откако ќе се изработи финалната верзија, реализацијата на стратегијата би почнала со почетокот на 2019- та година.

Дополнително премиерот Заев најави дека ќе се гради Дом на спортот во кој ќе бидат вклучени сите 32 спортски федерации. Лоциран покрај реката Вардар на спротивната страна од арената „Филип втори“. Изградбата на објектот според Заев би требала да почне годинава.

 

Викторија Милевска