Премиерот Заев на средба со раководството на ТАВ

12.02.2018 10:43

Утврдени се приоритетите за инвестицијата од 45 милиони евра во Македонија на ТАВ согласно концесискиот договор за македонските аеродроми. Станува збор за инвестиции во градинки, училишта, одводни и канализациски мрежи и локални и регионални патишта...

Утврдени се приоритетите за инвестицијата од 45 милиони евра во Македонија на ТАВ согласно концесискиот договор за македонските аеродроми, на денешната средба на македонскиот премиер Зоран Заев со претставници на Групацијата ТАВ, главниот менаџер, Мустафа Сани Шенер, заменик менаџерот Серкан Каптан и генералниот менаџер на ТАВ Македонија, Алпер Тунга Ерсој.

Како што соопшти владината прес- служба, парите ќе бидат вложени во значајни проекти за граѓаните на нашата држава.

Станува збор за инвестиции во градинки, училишта, одводни и канализациски мрежи и локални и регионални патишта, она што им е реално потребно на нашите граѓани. И јас сум искрено задоволен што од оваа инвестиција директна полза ќе почувствуваат граѓаните на Република Македонија, рекол на средбата премиерот Заев, кој од вчера престојува во посета на Турција.

Претставнците на ТАВ истакнале дека има договор и оти со задоволство ќе го реализираат, истовремено изразувајќи благодарност за добрата соработка со премиерот и новата Влада и поддршка во заложбите за развој на земјата.

Со самото тоа што посетата на Република Турција ја започнавме синоќа, веднаш по доаѓањето, со вечера со турските бизнисмени, покажуваме дека сме силно определени да ја интензивираме добрата економска соработка меѓу двете држави, изјавил премиерот Заев на средбата.

Премиерот Заев и делегацијата од Македонија по средбата со претставниците од ТАВ го посетија Мавзолејот на Мустафа Кемал Ататурк, каде премирот положи венец и се потпиша во Спомен книгата.

Следуваат средбите со владино-државниот врв во рамки на официјалната посета на премиерот Зоран Заев на Република Турција.