Финансии

Богов: Економијата подготвена за можните турбуленции

12.02.2018 15:26

Народна банка будно ги следи случувањата на светскиот финансиски пазар. Гувернерот Богов уверува дека земјава е подготвена да се справи со турбуленциите. Преземени се соодветни мерки, обезбедени се финансии, банките се стабилни. Не се исклучува можноста и за намалување на референтната каматна стапка...

Турбуленциите на светските берзи, очекувањата дека економското заздравување ќе доведе до корекции во монетарната политика и до ставање крај на вбризгувањето пари, најавеното зголемување на каматната стапка од Американските федерални резерви се главните причини за последните случувања на финансиските пазари. Претпазливост и во Македонија. Гувернерот вели дека земјава е подготвена за можната нестабилност. 

„Македонската економија треба да биде внимателна, треба да биде добро подготвена. Во изминатиов период презедовме низа мерки со коишто го зајакнавме банкарскиот сектор, во последниве години се намалува буџетскиот дефицит, верувам дека во наредниот период ќе дојде и до стабилизирање на јавниот долг. Еврообврзницата во јануари беше издадена во многу поволен момент, со тоа се избегна период на нестабилност што може да следува во текот на годинава и со тоа се обезбедија финансиите. Ова дава уверување дека македонската економија е подготвена за можните турбуленции на светскиот финансиски пазар“- изјави гувернерот на НБРМ, Димитар Богов.

Најавите дека Европската централна банка во скоро време нема да ја зголемува каматната стапка е сигнал дека и НБРМ во тој период нема да прави нагорна корекција на референтната каматна стапка. Напротив, не се исклучува можноста и од нејзино намалување.

„Тоа не се исклучува. Сè зависи од тоа како ќе се одвиваат работите околу неекономските ризици, околу фискалната политика, платниот биланс и случувањата на девизниот пазар, каматната стапка и политиката на Европската централна банка, тоа може да доведе до движење во таа насока“, вели Богов.

Актуелната состојба и изгледите на глобалната економија, последните финансиски случувања, предизвиците и ризиците се дел од темите на големата конференција што в петок ја организира Народна банка. Најавени се 200 учесници, меѓу кои и високи гости од Европската централна банка, ММФ и Светска банка, банките за обнова и развој и за меѓународни порамнувања, министри, гувернери.

Мартин Пушевски