Вучиќ во посета на Хрватска, протести и силно обезбедување

12.02.2018 16:12

Со интонирање на химните на Хрватска и на Србија, претседателката Колинда Грабар Китаровиќ го пречека српскиот колега, Александар Вучиќ кој е во дводневна посета на Загреб. Иницијатива за средбата на Китаровиќ е за да се поместат од мртва точка долгодишните отворени прашања. За Белград е важно исполнувањето на регионалната соработка без која нема евроинтеграции...

Судбината на исчезнатите лица и културното богатство во југословенската војна, соработката при апсење на осомничени воени злосторници, состојбата на малцинствата, и нерешеното граница доминираа на средбата Вучиќ-Китаровиќ во Загреб. Српскиот претседател е во дводневна посета по иницијатива на неговата хрватска колешка чијашто цел е да се поместат од мртва точка прашањата кои со децении останаа отворени.

„Односите меѓу Хрватска и Србија се оптоварени со историјата, но ние не разговаравме за тоа. Не се согласивме за многу прашања, за некои ги доближивме ставовите, а за некои верувам дека ќе ги доближиме, но се договоривме да продолжиме да разговараме. Согласност постои за политичката, човечката, моралната и етичката одговорност кон граѓаните, особено кон семејствата, мајките кои ги бараат блиските, и за решавање на ова прашање најбрзо што може“, изјави Колинда Грабар Китаровиќ, претседател на Хрватска.

„Србија и Хрватска ќе мораат да ги подобрат односите во иднина. И ние ќе дојдеме во позиција како Норвешка и Шведска, па ќе мора со поинакви очи да гледаме кон утре. Различен став имаме за границата, Хрватска се повикува на катастарските книги, а Србија на законот. Решение ќе бараме по билатерален пат во наредните две години“, рече Александар Вучиќ, претседател на Србија.

Стотици вдовици на хрватските бранители во Југословенската војна и здруженијата на воените ветерани се собраа во центарот на Загреб.

„Доста ни е од навреди од високи претставници од србија, како Вучиќ, Дачиќ,  како и од оние кои не им се потсмеваат на страдањата на Хрватите и не признаваат агресија. Оние кои не признаваат дека четниците се оние кои вршеа агресија против Република Хрватска и кои ги кроеја границите.“

Инаку, Вучиќ требаше во Загреб да дојде при крајот на минатата година, но посетата беше одложена поради незадоволството на официјален Загреб со поставувањето на споменикот на Милан Тепиќ во Белград, мајор во некогашната  Југословенската народна армија (ЈНА) кој учествувал во нападите против Хрватска.

Пред околу две години, на средбата во Србија потпишаа т.н. „Суботичка декларација за подобрување на односите и решавање на отворените прашања меѓу Хрватска и Србија“.

 

Маја Филдишев