Разговори за името

Трета рунда: Димитров и Коѕијас преговараат со посредство на Нимиц

13.02.2018 13:33

Во Виена почна третата рунда од обновените преговори за името, на министерско ниво. За прв пат во присуство на медијаторот Метју Нимиц преговараат шефовите на дипломатиите на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас. Вчера двајцата министри имаа тет-а-тет средба на која ги усогласувале позициите пред денешната средба...

Специјалниот посредник на Генералниот секретар на Обединетите нации во разговорите за разликата за името, Метју Нимиц денеска претпладнево ја почна заедничката средба со министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас во канцеларијата на ОН во Виена.

Најновата средба на Нимиц со шефовите на дипломатиите на Грција и на Македонија доаѓа по неговата неодамнешна посета на Атина и Скопје. Разговорите со Нимиц во Виена за првпат се водат на ниво на шефови на дипломатии како од дел од договореното на средбата во Давос меѓу премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас минатиот месец.

Грчкото МНР веќе објави фотографија од средбата на Твитер профилот на Коѕијас, со кратко објаснување дека средбата под покровителство на Нимиц е дел од разговорите за наоѓање на заемно прифатливо решение за името.

Димитров и Коѕијас вчера имале средба со Нимиц во Виена на која се усогласувале позициите во пресрет на денешните разговори. Нема информации дали на средбата Коѕијас ќе ја претстави на својот македонски колега, нацрт- спогодбата што ја најави за средината од февруари.

Засега од ОН само соопштија дека е можна изјава за медиумите во канцеларијата на ОН во Виена околу 15:30 часот.

 

Ирина Гелевска