САД

Трамп го претстави предлог- буџетот, тежи 4.400 милијарди долари

13.02.2018 13:47

Американскиот претседател Доналд Трамп го претстави предлог- буџетот за 2019-та година вреден 4.400 милијарди долари. Пентагон бара драстично зголемување на финансиите за одбраната поради заканите од Русија, Кина и Северна Кореја. Трамп најави инвестиции во инфраструктурата...

Поради растечките закани од Кина и Русија, Пентагон бара драстично зголемување на трошоците за војската за 2019 година, барајќи од Конгресот да одобри буџет од 686 милијарди долари. Од Министерството за одбрана сметаат дека безбедноста и просперитетот не се загрозени од тероризмот, туку од обидите на Кина и на Русија да го моделираат светот со ставање вето врз економските, дипломатските и безбедносните одлуки на другите земји. Во фокусот е и нуклеарната закана од Северна Кореја. За 2019 година се издвоени и 550 милиони долари за курдските сили во борбата против Исламска држава.

Во предлог-буџетот на администрацијата на претседателот Доналд Трамп се опфатени големи кратења во меѓународната дипломатија и прекуокеанска помош.

„Ги збогатиуваме арсеналите на секое оружје. Ќе модернизирале и создадеме нова нуклеарна сила. Мораме, зашто тоа го прават и другите. Ако запрат тие, ќе запреме и ние. Но не запираат“, изјави американскиот претседател Доналд Трамп.

Трамп е незадоволен од состојбата на Блискиот Исток и големите суми кои се трошат за фронтовите. Најави и големи инвестиции во инрфаструктурата на домашен терен.

„На Блискиот исток потрошивме 7 илјади милијарди долари. Каква грешка! Но тоа е. Ова го наследив. Се обидуваме да изградиме патишта и мостови. И тешко ни оди собирањето пари“, рече Трамп.

Трамп го прогласи планот за еден од законодавните приоритети за годинава, пред изборите за Конгресот во ноември, кога демократите ќе се обидат да ја преземат контролата од републиканците во ова тело.

 

Маја Филдишев