Циклонот „Гита“ ја опустоши островската држава Тонга, прогласена вонредна состојба

13.02.2018 14:34

Владата прогласи вонредна состојба. Во главниот град е воведен полициски час. Формирани се евакуациски центри во кои илјадници луѓе можат да пронајдат засолниште во текот на ноќта.

Зградата на Парламентот на островската држава Тонга во Пацификот е целосно уништена по налетот на циклонот „Гита“. Објектот е стар повеќе од 100 години и сѐ уште не се знае каде пратениците ќе ги извршуваат своите должности додека не се санира штетата. Тонга е погодена од најлошата бура во последните 60 години. Циклонот „Гита“ е од четврта категорија, зад себе остави огромна материјална штета.

Владата прогласи вонредна состојба. Во главниот град е воведен полициски час. Формирани се евакуациски центри во кои илјадници луѓе можат да пронајдат засолниште во текот на ноќта.

Околу 70 отсто од домовите и објектите во Нуку'алофа – главниот град на Кралството Тонга, се целосно или делумно урнати. На повеќето места по островите нема струја. Урнати се многу дрвја и електрични столбови. Сѐ уште нема информации за жртви, но десетици луѓе побарале медицинска помош. 

„Гита“ веќе направи голема материјална штета на Самоа. Според метеоролошката служба на Фиџи, се очекува циклонот да се засили до петтата, најсилна категорија. Експертите, пак, наведуваат дека бурата сепак ќе ги заобиколи најнаселените делови на Фиџи.

Циклоните се честа појава на Пацификот во овој период од годината.

 

Марина Ристова