Владата најави две нови странски инвестиции

14.02.2018 13:20

Две инвестиции најави македонската Влада. Дадена е согласност за долготраен закуп на градежно земјиште за компанија за производство на лекови „Саген“. Второто вложување е во Технолошко- индустриската зона Прилеп...

Две странски компании инвестираат во Македонија. Фармацевтската „Саген“ ќе гради фабрика за производство на лекови во Бунарџик, планира да инвестира 20 милиони евра. Втората компанија „Вик“ вложува во зоната во Прилеп, ќе гради фабрика за производство на прехранбени продукти и апарати за домаќинство, инвестиција тешка 6 милиони евра. Во првата фаза, Владата им дала согласност на инвеститорите за долготраен закуп на градежно земјиште.

„Компанијата „Саген“ треба да започне со изградба на фабрика во рок од две години по потпишувањето на договорот и треба да биде изградена за период од најмногу пет години и дополнително со овој договор има обврска 300 нови вработувања да има“, рече владиниот портпарол Бошњаковски.

Бошњаковски најави дека сите договори што ќе се потпишат со инвеститорите, во однос на бенефитите што ќе ги добијат од државата, ќе бидат јавно објавени.

Владата објави и дека руски „Продис“ ќе плати над 156 илјади евра казнени пенали поради тоа што не го почитувала договорот, склучен со Агенцијата за странски инвестиции. Компанијата во период од две години требала да има 100 вработени, а во 2015-та и 2016-та во „Продис“ работеле 40 луѓе.

 

Викторија Милевска