Вандализирана Полската амбасада во Израел

19.02.2018 12:50

Вандализирана Полската амбасада во Израел по контроверзната изјава за холокаустот на премиерот Моравјецки. Дел од најголемите концентрациони логори, вклучувајќи ги Аушвиц и Белзец, беа изградени на територијата на Полска. Нацистите ги контролираа овие објекти, но немаа соработка со владата во Варшава...

Свастики и навредливи пораки на влезот на полската амбасада во Израел по изјавата на премиерот на Полска во која ги споменува и Евреите како учесници во Холокаусот. На Минхенската безбедносна конференција, одговарајќи на новинарско прашање за новиот закон на Варшава ,со кој се забранува припишување одговорност на Полска за геноцидот на Третиот рајх, премиерот Матеуш Моравјецки нагласи:

Се разбира дека нема да биде казниво, ни да се смета за криминал, да се рече дека имало и полски соучесници, како што имало и еврејски, руски, украински соучесници, а не само германски. Но полските амбасади, само лани мораа да реагираат 260 пати поради користење на фразата „полски логори на смртта“. Не постоеја логори, туку само концентрациони логори на германските нацисти“, изјави Моравјецки.

Иако се обиде да ја образложи изјавата, нагласувајќи дека не сакал да ги обвини жртвите од еврејската страна за спроведувањето на геноцидот од нацистите, Моравјецки наиде на остри критики од Тел Авив. Неговиот израелски колега Бенјамин Нетанјаху го осуди за порекнување на холокаустот, но по телефонскиот разговор со Моравјецки се согласил да продолжи дијалогот. 

Дипломатскиот спор се случува во турбулентен период за двете земји. 

Израелските сили војуваат на фронтот на границата со Газа и во Сирија, а политичката состојба на домашен терен е дестабилизирана, поради полициските обвиненија кон Нетанјаху за корупција и измама.

Полска, којашто е управувана од десничарите од „Право и правда“, се соочува со критики за радикализирање на националистичките политики, коишто ги загрозуваат слободата на печатот, правосудството и ЕУ. Моравјецки стана премиер во декември, а еден месец подоцна најави промени во кабинетот.

 

Маја Филдишев