Телекомуникации

Владата прави пат за трет мобилен оператор

23.02.2018 15:36

Подобри услуги и пониски цени без нарушување на конкурентноста на пазарот. Државата создава услови за влез на нова мобилна телефонија. Манчевски најави измени на сет мерки за мрежен, а не виртуелен оператор...

Државата создава услови за влез на трет мобилен опратор во земјава. Македонија е единствената земја во Европа која има два мрежни мобилни оператори. Сите имаат минимум три. Проценките се дека тоа би се случило за две години. Крајна цел е подобрување на услуги за граѓаните и поевтини цени, информише министерот Манчевски.

„Зборуваме за мрежен оператор, а не за виртуелен за што се потребни сет на мерки, напори и измени на некои подзаконски акти. Сите овие активности ќе бидат правени паралелно со напори да не ја нарушиме конкурентноста на пазарот, односно на другите два постоечки оператора во државата. Крајната цел е, подобри услуги за граѓаните со пониски цени“, рече министерот Манчевски.

Ова ќе биде и една од клучните теми на која тој ќе разговара на саемот што од недела почнува во Шпанија. На саемот ќе биде искористена можноста за контакти и разговори со министри за информатички комуникации од Европа, во контекст на подготовките за Дигиталниот самит на Западен Балкан чиј домаќин во април ќе биде Македонија.

 

Наташа Јанчиќ