ЕУ го сфати значењето на Западен Балкан

25.02.2018 09:28

Во интервју за МРТ известувачот за Македонија во Европарламентот, Иво Вајгл вели дека сега постои оптимизам за можниот напредок на Македонија во евро-атлантските интеграции...

Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, словенечкиот европратеник Иво Вајгл во разговорот за МРТ, е на мислење дека целата Европска Унија конечно го свати значењето на земјите од Западен Балкан, ова преку неодамна претставената Стратегија за проширување на ЕУ кон оваа група на земји.

„Мислам, дека Стратегијата на Европската Комисија е  многу сериозен и стратегиски ориентиран документ, тоа не е обичен годишен извештај, тоа е стратегија  за идните десет години. Мислам дека тоа зборува дека целата Европска Унија, цела Европа го свати значењето на Западен Балкан, а во срцето на Западен Балкан се наоѓа и Македонија. Од самиот документ е видливо дека поддршката која и ја дававме на Македонија во Парламентот во текот на неколкуте години се претвори во некаков стратегиски интерес и трајна ориентација на Европската Унија да сите држави од Западен Балкан станат членки на Европската Унија“, изјави европратеникот Вајгл во интервју за МРТ.

Понатаму, Вајгл потсетува дека сегашниот позитивен развој во Македонија започна порано и дека тој треба да се зачува со конструктивно партнерство меѓу владината коалиција и опозицијата.

„Во расправата ние истакнавме дека Македонија не е од вчера или од утре, туку дека со позитивниот развој кој го забележавме по последните избори со новата влада е граден врз достигнувањата од пораните периоди и дека не треба да се создава впечаток дека сé започна вчера. Но тоа што е исклучително важно е да во Македонското собрание се создаде атмосфера на нормална демократска соработка и натпревар на идеи, но се треба да биде поврзано со интересот на државата. Не е можно да се замисли да работата на парламентот биде ефикасна и прифатена од Европската Унија и од нејзините држави, ако опозицијата бојкотира или ја “филибастереира“ работата на парламентот. Јас секогаш ја истакнувам одговорноста на владејачката коалиција дека треба да и даде признание и чувство на конструктивен партнер на опозицијата и посебно ако е толку многу силна, како што е силна во Македонија. Според ова одговорноста за конструктивната работа во Парламентот ја имаат двете страни“- изјави Вајгл.

Притоа Вајгл не крие дека сега постои оптимизам за можниот напредок на Македонија во евро-атлантските интеграции.

„Ја сум доста оптимист, тоа е всушност е основа на еден реален оптимизам  да проблемот со Грција нема да биде онаа бариера преку која Македонија не може никако да помине. И на пленарната дебата јас истакнав дека земјите кои се членки на Европската Унија не смеат да бидат пречка, да вршат притисок или да ги уценуваат  државите кандидати. Тука се разбира мислев и на македонските соседи и мислам дека тоа беше и така сватено“, вели Вајгл. 

Во тој контекст Иво Вајгл посебно инсистира на храбрите потези кои се прават од Скопје и Атина. 

„Мене ме радува тоа што меѓу Скопје и Атина се разви еден култивиран и конструктивен дијалог и се надевам дека ќе води кон резултат и дека нема улицата и демонстрациите во тоа да играат пресудна улога. За таквите чекори напред потребни се храбри и одговорни политичари и оние кои нема да се уплашат од демонстрациите пред нивните канцеларии“, смета Вајгл.

Сигурно е дека ова што го кажа за МРТсловенечкиот европратеник, заедно со неговите колеги, ќе им го каже и на неговите соговорници во Македонија за време на најавената посета, како што тоа беше направено и при нивната последна средба на мешовитиот парламентарен комитет ЕУ- Македонија во Стразбур.

Тони Гламчевски, дописник од Стразбур за МРТ