Самит на ЕБОР во Лондон

Презентирани инвестициските предности на Македонија

26.02.2018 14:51

Европската банка за обнова и развој во Лондон ги собра премиерите на шесте земји од Западен Балкан. Пред потенцијални инвеститори шефовите на владите ги презентираат проектите од заеднички интерес на регионот. Пред 200 компании ќе бидат претставени и нивните приоритетни проекти. Македонската делегација ја предводи премиерот Заев. Во фокусот на Самитот, според ЕБОР, ќе бидат патната и железничката инфраструктура, но и енергетиката, и особено гасификацијата на регионот...

Квалитетната инфраструктура- патна и железничка, како и гасификацијата се најважните предизвици што стојат пред регионот. Потенцијали има и во поедноставената соработка на царините и на граничните контроли, бидејќи со олеснување на процедурите се зајакнува економијата, националната и регионална трговија, изјави премиерот Зоран Заев на инвестицискиот Самит на Европската банка за обнова и развој, што се оддржува во Лондон.

Законот за поддршка на финансиските инвестиции и Планот за економски раст, оцени Заев, се потврда дека нашата земја е фокусирана да обезбеди стабилно економско окружување. Ги покани присутните бизнисмени да бидат дел од, како што рече, новиот позитивен дух на регионот и на македонската економија.

Главните коридори за поврзување на Западниот Балкан за кои станува збор на Самитот ги носат броевите четири, осум и десет. Бугарскиот премиер Борисов оцени дека нивната изградба ќе чини 30 милијарди евра, а за финализирање на дигиталната инфраструктура се потребни дополнителни пет милјарди.

Планот што го предлагаме е исклучително прифатлив за секоја од државите. Кога има такви транспортни коридори, до секој главен град ќе може да се пристапи со железничка линија и автопат, како и интернет конекција“, рече бугарскиот премиер Бојко Борисов.

На дводневниот Самит, пред повеќе од 200 директори и менаџери од компании заинтересирани за инвестициски вложувања ЕБОР ја промовира платформата за земјите од Западниот Балкан.

„Мислам дека пред сѐ за нас се приоритет проектите од патната инфраструктура. Да се заврши коридорот 10 и да се продолжи коридорот 11. Штом завршиме со патната инфраструктура, мора повеќе средства да вложиме и во железничката, особено Коридорот 10“, изјави Ана Брнабиќ, претседател на српската Влада.

Претседателот на Европската банка за обнова и развој, Сума Чакрабарти, рече дека ќе ја поддржи изградбата на коридорите осум и десет, а ќе работи и на проектот за железничко поврзување на Македонија и Бугарија.

 

Анита Димитријевска