Премиерот Заев на инвестициски самит за Западен Балкан во Лондон

26.02.2018 16:51

Земјите од Западен Балкан на инвестициски самит во Лондон, организиран од Европската банка за обнова и развој. Главна цел е да се развијат транспортните коридори во регионот, што се проценува дека ќе чини 30 милијарди евра. Премиерот Заев ги претстави можностите за инвестирање. Оцени оти поврзувањето е клучно за економскиот раст...

Квалитетната инфраструктура, патна и железничка, како и гасификацијата се најважните предизвици што стојат пред регионот. Потребна е поедноставена соработка на царините и на граничните контроли, бидејќи со олеснување на процедурите се зајакнува економијата, националната и регионална трговија, изјави премиерот Зоран Заев на инвестицискиот Самит на Европската банка за обнова и развој во Лондон. Законот за поддршка на инвестициите и Планот за раст се потврда дека нашата земја е фокусирана да обезбеди стабилно економско окружување, изјави Заев. Ги повика бизнисмените да инвестираат во Македонија.

„Без инфраструктура нема инвестиции, инвестициите може да дојдат паралелно заедно со инфраструктурата. Иако тие ги има, мора да растеме уште повеќе, со поголем интензитет. Порастот на БДП мора да биде над 4% за да можат тоа да го почувствуваат и граѓаните. При самата изведба на сите овие капитални проекти се ангажираат многу луѓе, се дава многу работа на домашните компании, кои во суштина и при самата изградба го подигаат стандардот на граѓаните, а со привлекувањето на инвестициите тоа дополнително расте“, изјави премиерот Заев.

„Објаснивме дека е многу важно да се организира регионален пазар на електрична енергија и останати енергенси, дека сите земји се мали се мали за да бидат сами и независни, многу е важна регионалната соработка и создавањето на регионален пазар“, вели вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Изградбата на главните коридори за поврзување на Западниот Балкан се процеува дека ќе чини 30 милијарди евра, изјави бугарскиот премиер.  За финализирање на дигиталната инфраструктура се потребни дополнителни 5 милјарди.

Планот што го предлагаме е исклучително прифатлив за секоја од државите. Кога има такви транспортни коридори, до секој главен град ќе може да се пристапи со железничка линија и автопат, како и интернет конекција“, рече бугарскиот премиер Бојко Борисов.

На дводневниот Самит, пред повеќе од 200 директори и менаџери од компании заинтересирани за инвестициски вложувања, ЕБОР ја промовираше платформата за земјите од Западниот Балкан која има за цел да го интензивира инересот и приливот на странски инвестиции.

„Мислам дека пред се за нас се приоритет проектите од патната инфраструктура. Да се заврши коридорот 10 и да се продолжи коридорот 11. Штом завршиме со патната инфраструктура, мора повеќе средства да вложиме иво железничката, особено Коридорот 10“, изјави Ана Брнабиќ, претседател на Владата на Србија.

Претседателот на Европската банка за обнова и развој, Сума Чакрабарти рече дека ќе ја поддржи изградбата на коридорите осум и десет, а ќе работи и на проектот за железничко поврзување на Македонија и Бугарија.

 

Анита Димитријевска