Трет столб мерки: Владата косопственик во стартапи

01.03.2018 16:10

Од идеја до реализација, Владата партнерски ќе развива нови производи во компаниите. До 25 насто ќе влезе во сопственичката структура на стартапите. 645 милиони денари за иновативни бизниси...

Со пари од Еквити фондот, државата реши до 25 проценти, да учествува во основачкиот влог на малите фирми. Со најмногу 30 милиони денари партнерски ќе го помага развојот на нови производи и постојниот бизнис. Оперативни ќе бидат 50 милиони од државната каса, допонително 400 милиони од неискористените средства од Македонската банка за подршка на развојот. Од Владата велат, мерката е кроена по Израелски терк, критериумите се подготвуваат, стручен тим ќе филтрира каде ќе се позиционира државен капитал.

„Кога се мали претпријатијата тие се ризични и направивме таков фонд за помош, каде што државата ќе им даде помош во основачкиот влог. Ако некој сака да отвори компанија, на пример со основачки влог од 100.000 евра, државата во основачкиот влог ќе учествува со 25 отсто. Ова не се однесува само на нови претпријатија, туку и на постоечки што сакаат да се прошират. На пример, ако бизнисмен понуди иновативен проект и во него вложи 100 илјади евра капитал, државата ќе влезе со 25.000 евра“, вели вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

За иноватност, малите и средни бизниси преку три повика ќе имаат на располагање 645 милиони денари од касата на Фондот за иновации. Во март ќе биде објавен првиот, до крајот на годината преостанатите два.

„Критеримуми на селекција на проектите ќе бидат- степен на иноватвност, квалитет на проектот, капацитет на проектен тим, потенцијал на пазарот, влијание во општеството или животната средина“, посочи директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски.

Со мерките од третиот столб, финансиска поддршка, до 30 насто од трошоците, фирмите ќе може да обезбедат за воведување нови стандарди и квалитет. Поврат на трошоците до 70 насто од инвестицијата ќе добијат брзорастечкните бизниси што ќе развиваат нов производ. Следната недела се очекува, владиниот филтер да го мине и Законот за финансиска поддршка на инвестиции- најавија од Економија.

„Ги повикувам сите пратеници да го поддржат овој Закон за да може што поскоро компаниите да го користат и на најтранспарентен начин да им овозможиме да имаат предвид што можат да добијат за да ги зголемуваат своите капацитети, но и за да донесеме нови инвестиции“, вели Крешник Бектеши, министер з а економија.

 3,4 милиони денари се проектирани за фирми од занаетчиска дејност, 2 милиона микро претприемачите, пари има и за воведување систем за квалитет и ХАЛАЛ систем. Мерките се дел од програмата за конкурентност и претприемништво.

Сузана Фиданска Стоевска