Здравство

Презентирани најновите трендови во кардиохирургијата

02.03.2018 14:44

Еминентни светски кардиолози во Скопје ги презентираа најновите процедури и трендови во кардиохирургијата. Наместо класична операција на отворено срце, во иднина сѐ повеќе ќе се применуваат инвазивните техники...

Понапредна интензивна нега по класична операција, сѐ поголем број процедури кои нема да мора да се извршуваат на отворено срце- еминентни професори кардиолози од регионот и од Европа споделија искуство за новитетите и трендовите во кардиоваскуларната медицина.

„Кардиохирургијата е нова гранка, се променија многу работи, има нови можности. Во најголем дел новитетите се во тоа што сите процедури нема да мора да се извршуваат на отворено срце. Класичните, инвазивните процедури ќе бидат побезбедни за пациентите, бидејќи има напредок во интензивната нега и во микробиолошките анализи“, изјави Антон Мориц, директор на Универзитетската кардиохируршка клиника во Франкфурт, Германија.

Македонија се најде на светската мапа на медицински туризам во интервенции на срце, сѐ поголем е бројот на пациенти кои доаѓаат од далеку поразвинити земји од нашата. Кардиохириргот Жан Митрев вели дека во земјава е направен голем исчекор кога станува збор за кардиоваскуларната медицина.

„Кардиоваскуларната хирургија пред 18 години не постоеше во Македонија како дејност. Сите пациенти беа лекувани во странство. Од тогаш па навака ние успеавме да направиме таков програм што сите пациенти кои се за операција не се на листата за чекање. Морам да кажам дека тогаш кога почнав имаше повеќе од 500 кои чекаа за операција“, изјави д-р Митрев.

Иако направен е голем напредок во дијагностиката и лекувањето, сепак поразителни се податоците во однос на смртноста од кардиоваскуларни заболувања. Во земјава тие се водечка причина за смртност. Според официјалната статистика, годишно околу 10.000 пациенти умираат од кардиоваскуларна болест.

 

 

Андријана Атанасовска