Првиот антикорупционер не поднесува оставка

02.03.2018 15:45

Првиот антикорупционер не планира да си поднесе оставка. Тантуровски не гледа неправилности во работењето на Комисијата и не чувствува одговорност откако во јавноста беше обелоденето дека членовите си наплатувале патни трошоци врз основа на фиктивни налози. Собраниското мнозинство се закани за нивно разрешување. Од Комисијата за избори и именување велат- ќе прифатат ваква иницијатива...

Претседателот на Државната комисија за спречување на корупција, Игор Тантуровски изјави дека не чувствува одговорност за ревизорските извештаи, бидејќи не бил посочен во нив и од тие причини нема намера да поднесе оставка на функцијата. Според него, случајот е инструиран, а извештајот кој бил за внатрешна употреба, со обелоденувањето во јавноста има за цел да ги дискредитира членовите и комисијата.

Од СДСМ побараа одговорност од претседателот како морален чин и од членовите на Антикорупциска, поради наодите во ревизорскиот извештај во кои според нив биле констатирани злоупотреби во трошењето на народните пари. Тие и во Парламентот ќе иницираат постапка за покренување одговорност. Ќе побаараат вонреден извештај од комисијата за да се увиди дали постојат елементи за коруптивни дејствија. Доколку постојат според нив, тоа ќе биде основа за нивно разрешување.

Основното јавно обвинителство Скопје оформи предмет по допрен глас за буџетските средства што ги трошеле а членовите на Државната комисија за спречување на корупција. По објавите во медиумите, обвинителството презема дејствија за утврдување на факти во предметот, за прибирање на податоци и на потребната документација од Управата за јавни приходи и други релевантни институции, се вели во писмениот допис од Обвинителството.

Според информациите, ревизијата на УЈП констатирала нерегуларности со тоа што на членови на комисијата им биле исплаќани патни трошоци за доаѓање на седници врз основа на неверодостојни патни налози.

 

Игор Панов