Средба Заев- Мицкоски: Името, Законот за јазиците, ДИК и враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието во фокус на разговорите

04.03.2018 22:05

По средбата што се одржа на покана на Заев, Мицкоски во изјава за медумите потврди дека разговарале за повеќе политички теми, меѓу кои и за името, за Законот за јазиците, за составот на ДИК, како и за враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во работата на Парламентот.

Преговорите за името со Грција, Законот за јазиците и враќањето на опозицијата во Собранието, биле главните теми за кои вечерва во Владата повеќе од два часа разговараа премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

По средбата што се одржа на покана на Заев, Мицкоски во изјава за медумите потврди дека разговарале за повеќе политички теми, меѓу кои и за името, за Законот за јазиците, за составот на ДИК, како и за враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во работата на Парламентот.

Во однос на името, Мицкоски рече дека остануваат на познатите позиции.

Можам да констатирам дека нема поместување од презентираното на лидерската средба. Јас го повторив нашиот конзистентен став дека ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот, со цел промена на уставното име, а за идентитетските прашања како што се јазикот и нацијата не треба да се разговара, рече Мицкоски.

За Законот за употреба на јазиците, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ го повторил ставот на партијата дека тој е неуставен и неприменлив, и оти мора да се испочитуваат Деловникот и законите.

Во врска со комплетирањето на ДИК, Мицкоски рече дека е договорено тоа да биде направено по стариот модел, односно претседателот да биде на предлог на опозицијата, а мнозинството членови по предлог на владејачкото мнозинство. Договорено е и до крајот на септември на ниво на работни групи да биде изготвен нов изборен законик, а до тогаш да биде во функција старото решение.

Во однос на враќањето на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието, истакна дека се уште не се создадени услови за тоа. Очекува да се вклучат во работата на законодавниот дом само како комплетна пратеничка група, и како што наведе тоа би можело да се случи за една до две недели.

Прашањето е од математичка и политичка природа. Ние не можеме да бидеме комплетни и активни во Собранието, без 12% од пратениците, рече Мицкоски и најави дека меѓупартиските работни групи ќе излезат со конзенсуз за неколку отворени прашања до крајот оваа или наредната недела.