Штети кај пролетната зелка

05.03.2018 10:17

Големата разлика во температурата минатата недела, според експертите, ќе им направи штети на градинарите. Ова се однесува особено на производителите на пролетна зелка која треба да почне да се бере за петнаесетина дена.

Неизвесна е бербата на 40.000 тони на скоро 1.000 хектари со пролетната зелка во струмичко, поради можните штети од температурните разлики од минатата недела кои се движеа од минус 10, па до плус 16 степени.

Според градинарите, ваквите температурни шокови лошо влијаат на сите посеви, но засега најмногу може да наштетат на зелката која е во фаза на врзување на листовите на петнаесетина дена пред нејзината берба.

Експертите советуваат при вакви големи температурни разлики редовно наводнување на површините, бидејќи водата делува како амортизер и на тој начин се ублажува шокот од разликата меѓу ниските и високите температури.

Инаку поларниот бран не предизвикаат проблеми кај поголемиот дел од земјоделските култури освен кај кајсијата и кај бадемот кои во некои делови од земјата веќе процветаа, но како што велат агрометеоролозите, и кај нив не се очекуваат поголеми штети, туку само евентуално проретчување на родот.

 

Методија Трајков