Заев- Мицкоски: Остануваат разликите за името и за Законот за јазици

05.03.2018 12:24

Синоќа во Владата двочасовна средба меѓу премиерот Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, на покана на шефот на Владата. Непроменети позициите за името и за Законот за јазиците. Постигната согласност за Државната изборна комисија, со претседател на предлог на опозицијата. Мицкоски посочи дека не се враќаат во Собранието додека не се комплетира пратеничката група.

Два часа разговори меѓу премиерот Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски. Остануваат разликите за името и за Законот за јазиците.

Во втората половина на март во Скопје треба да допатува грчкиот шеф на дипломатијата Коѕијас, а се планира уште една рунда разговори и со медијаторот Нимиц, вели Заев. Потврдено дека наредната недела ќе биде постигнат консензус за најголем број од законите за кои разговараат работните групи на СДСМ и на ВМРО- ДПМНЕ. Премиерот апелираше опозицијата да се врати во Парламентот.

„Јас би сакал утре опозицијата да биде во Парламентот. Само така комплетна ќе биде демократијата. Тие не мора да се согласат со се што предлага владејачкото мнозинство, но ние сме должни да се обидеме. Јас знам дека и власта ќе биде подобра за граѓаните, ако опозицијата биде во Парламентот. Ја користам приликата уште еднаш да апелирам да се вратат во Парлементот“, изјави премиерот Заев.

ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на Уставот, со цел промена на името. За идентитетот воопшто не треба да се разговара, вели Мицкоски. Нема промена и во ставот за Законот за јазиците- тој е противуставен. Нема враќање во Собранието сѐ додека целосно не се комплетира пратеничката група, дециден лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

„Имам чувство дека многу брзо политичките и математичките проблеми ќе бидат надминати, и дека ВМРО-ДПМНЕ ќе може комплетно да се врати во Собранието и да биде посветено на работата во Собранието. Во државата имаме ситуација на политички терор, ситуација каде опозицијата не се чувствува комотно, а она што треба да се случи за опозицијата да се чувствува комотно е во рацете на власта, а впрочем тоа го кажаа и претставниците на меѓународната заедница“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Кристијан Мицкоски.

Власта и опозицијата постигнале согласност за Државната изборна комисија, со претседател по предлог на опозицијата, приближени ставовите за финансирањето на политичките партии.

Средбата меѓу премиерот Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски беше по покана на шефот на Владата.

Наташа Гркова- Петрушевска