Јанева очекува наскоро да се реши статусот на СЈО

05.03.2018 15:29

Чешка, Грција, Велика Британија се дел од земјите кадешто СЈО ќе истражува дали осомничени за финансиски криминал сокриле дел од парите што нелегално ги стекнале. Од ова обвинителство велат и дека очекуваат нивниот статус да се реши што поскоро, за да можат да испорачаат обвиненија за завршените истраги. Од Министерството за правда, пак велат дека решение за СЈО ќе се бара идната година.

Чешка, Грција, Велика Британија, Холандија се дел од земјите кадешто Специјалното обвинителство ќе истражува дали осомничени за финансиски малверзации сокриле дел од парите што нелегално ги стекнале. Ова го соопшти обвинителката Катица Јанева. Појасни дека веќе контактираат со други држави за да се утврди дали има прекршување на законите во проектот „Скопје 2014“.

Јанева побара најдоцна до септември да се спроведе судската реформа и да се реши статусот на обвинителството што го раководи, со образложение дека нејзиниот тим работи на сложени истраги од кои некои се во завршна фаза, но поради постојниот закон - не може да поднесува обвиненија. Заменикот министер за правда одговори дека нејзиното барање нема да се реализира оваа година.

СЈО во следните три години ќе биде дел од холандски проект кој треба да овозможи јакнење на оперативните капацитети на Обвинителството и пристап до меѓународна правна помош.

 

Анита Димитријевска