Консултации за Законот за финансиска поддршка на инвестициите

05.03.2018 16:07

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши на работна средба со претставници на компаниите-членки на Стопанската комора на Македонија. Предложените мерки во Планот за економски раст, треба да условат подобрување на конкурентноста и зголемување на инвестициите.

Владата и бизнис- заедница во Стопанската комора го разгледаа финалниот текст на Законот за финансиска поддршка на инвестициите и се договорија околу процедурата за користење на средствата. Се очекува околу 8.000 фирми да ги користат овие средства, а вицепремиерот Анѓушев најави дека од утре Законот влегува во владина процедура, а од наредната недела и во Собраниска. Стопанската комора е задоволна од Законот и најавува дека набрзо ќе излезе со втор пакет од 10 нови мерки на кои интензивно работи.

„Законот ги опфаќа само првите два столба од програмата. Третиот столб што се однесува на малите и средните фирми што ќе оди преку фондот џза иновации мислам дека беше разјаснет. Се разјасни и ситуацијата околу формалното завршување на процедурите за барањата на компаниите, дека парите во рок од 40 дена ќе се исплаќаат“, изјави Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Со законот се обезбедуват 46% повеќе пари за индустријата и тие ќе завршат директно кај фимите, најави вицепремиерот Анѓушев, а мерките се однесуваат на сите компании без оглед на нивната големина. Тој ја повика опозицијата да го подржи законот во парламентот, затоа што се однесува на сите стопански субјекти во земјава.

„Законот ќе биде донесен онака како што налагаат законите и Уставот на Р. Македонија со мнозинство од 61 пратеник. Јас ги повикувам во името на доброто на економијата на Р. Македонија, сите пратеници во парламентот на Р. Македонија, да и во комисиските расправи, а и на пленарната седница на Парламентот да земат учество. Со тоа тој Закон може само да биде подобрен и да има поголем квалитет“, рече вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев.

Од Владата со најава дека е завршен проектот за изградба на автопатот Скопје- Блаце во должина од 13 километри и во тек е негова ревизија. Анѓушев најави дека овој проект е приоритет за Владата со оглед на нивото на размената со Косово. За негова реализација ќе бидат потребни околу 63 милиони евра, кои што ќе бидат обезбедени со помош на ЕБРД.

Свето Николовски