Заев: Каква било промена во Уставот не значи трајна гаранција за Грција

06.03.2018 14:26

Во преговорите со јужниот сосед, премиерот Заев вели дека треба да се почитува меѓународната пракса за решавање на слични спорови...

Промената на Уставот не значи трајна гаранција за Грција, бидејќи сѐ што се менува може да се врати, рече премиерот Заев одговарајќи на новинарското прашање за разговорите за разликата за името. Според него, треба да се почитува меѓународната практика за решавање на слични спорови. Најави реципроцитет за почитувањето на правата на малцинствата во двете земји.

„Мора да водиме грижа едни за други во рамки на сочувување на достоинството на двата народа, и секако сочувување на она што значи чувство, а тоа е индентитетот. За него не можете да преговарате, да се ценкате или било што. Јас верувам дека во тој дух, со партнерите со кои преговараме, внимателно ќе изнајдеме решение. Истовремено, може да се отвори Уставот на Грција и да видиме како тие водат грижа за Грците надвор од Грција. Јас сум спремен, како тие водат грижа за Грците надвор од Грција, така и ние да водиме грижа за Македонците надвор од Македонија. Исто!“- рече премиерот Зоран Заев.

Во однос на пишувањето во грчки „Катимерини“ за постигнување согласност во три поглавја, премиерот посочи дека е затворено прашањето со иредентизмот, со чекорите кои ги направи Макендонија односно со промена на имињата на автопатот во „Пријателство“ и аеродромот во Скопје.

Разговарано е и за во иднина, после можен договор, да се формираат работни групи кои ќе ги проверат учебниците од двете страни за да не се остави незгодна трага кај младите генерации за да негуваат пријателство наместо непријателство, изјави премиерот Зоран Заев.