Априлски самит на двете Кореи

06.03.2018 15:21

Двете Кореи договорија самит во април. По првата средба на делегациите од Сеул и Пјонгјанг, лидерот на Северна Кореја изразил волја за продолжување на разговорите. Сеул и Вашингтон со внимание и резерва ја толкуваат подготвтеноста на Ким Јонг Ун за повторно обединување...

Северна и Јужна Кореја договорија лидерска средба во април во заедничката демилитаризирана зона.  Пјонгјанг се согласи да воведе мораториум на нуклеарните и ракетни проби, доколку Вашингтон ги прифати  преговорите.

По затоплувањето на билатералните односи за време на Зимската олимпијада, претставници од двете Кореи остварија историска средба чиј домаќин Ким Јонг Ун ја нагласи подготвеноста за продолжување на разговорите за обединување на Полуостровот.

Поради непредвидливоста на контроверзниот лидер, којшто повеќепати не ги испочитува предупредувањата на Западот и на соседите,  Сеул и Вашингтон со резерва ја протолкуваа добронамерноста за смирување на тензиите на 38-та паралела.

И граѓаните на Јужна Кореја не се толку големи оптимисти околу напредокот на разговорите.

Ако почнеме да правиме помали чекори, можеби ќе се случи обединување во идните генерации, ако не и во мојата. Учеството на Северна Кореја на Олимпијадата е мал придонес кон тоа.

Ништо од ова нема директно да не однесе до целта. Може само да се насочи во вистинскиот правец.

Наредната одредница на јужнокорејската делегација се очекува да биде Вашингтон, каде што што треба да се пренесат првичните заклучоци од историската средба.

Инаку, во Пјонгјанг се случи и куриозитет-Јужнокорејската делегација за прв пат влезе во седиштето на Работничката партија во Пјонгјанг каде што беа водени разговорите.

 

Маја Филдишев