Владата ги прифати барањата на вработените во „Еурокомпозит“

06.03.2018 16:08

Вработените во „Еурокомпозит“ на протест пред Владата. По средбата со надлежните, добија ветување- до крајот на неделава ќе добијат по една просечна плата. Од понеделник ќе се вратат на работните места. Се бара време за решавање на проблемите во наменската фабрика...

Владата ги прифати барањата на вработените од прилепски „Еурокомпозит“ и до петок ќе им биде исплатена една просечна плата на ниво на земјата, а од понеделник работниците ќе се вратат на работните места. На средбата со вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев и неговиот тим било разговарано и за дугите барања на вработените и на Синдикатот.

Најгорливо прашање за вработените е нерегулираниот работен стаж од 2012-та до сега, особено ако се има во вид старосната структура на работниците. Од 260 вработени најголем дел се на возраст меѓу 50 и 60 години, велат синдикалците на Еурокомпозит. Од нив, стотина се заинтересирани доброволно да заминат од фабриката, како технолошки вишок.

„Второ што е договорено е, дел на работници кои што исполнуваат услови за технолошки вишок, односно немаат обем на работа или пак не се доволно ангажирани, и по нивна желба, да си одат од претпријатието. Со тоа што после одреден период, по одењето, ќе бидат опфатени со законот што ги решава стечајците и работниците што се технолошки вишок“, изјави Пеце Ристевски, претседател на Синдикатот на вработени во индустријата, енергетиката и рударството СИЕР.

„За тие придонеси што не се платени, вицепремиерот Анѓушев ни вети дека ќе се разгледа на Влада барањето, да се види од каде би се обезбедиле пари за да се платат тие придонеси. За да земеме бруто плата нам ни се потребни месечно околу 100 илјади евра“, изјави Роберт Богдановски, Синдикат на вработените во „Еурокомпозит“- Прилеп.

Неисплатените 16 плати плати, според Синдикатот ќе бидат дел од договорот со идниот стратегиски инвеститор. Од Владата добиле информации дека има неколку заинтересирани странски компании за наменската фабрика „Еурокомпозит“, а вчера вицепремиерот Анѓушев најави дека проблемот трајно ќе биде надминат во рок од 5 до шест месеци, односно со изнаоѓање компанија која што ќе го преземе последниот загубар со доминантен државен капитал.

 

Свето Николовски