Евроинтеграции

Османи: Напредок во спроведување на Планот 3-6-9

07.03.2018 12:13

Има напредок во имплементацијата на Планот 3-6-9, се пофали вицепремиерот за евроинтеграции Османи. Координативно тело ќе работи на 6-те области од Стратегијата за проширување на Западен Балкан на Европската унија...

Има напредок во спроведувањето на вториот дел од планот реформи 3-6-9, оцени вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи. Пред априлскиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија, формирано е координативно тело на Владата за исполнување на реформите од 6-те посочени области на Стратегијата за Западниот Балкан на Европската унија.

„Владата го формираше Националниот координативен механизам, кој ќе ги коориднира шесте носечки иницијативи предвидени во Стратегијата за проширување објавена од Комисијата, минатиот месец. Комисијата излезе со јасни и прецизни иницијативи, со акционен план во однос на владеењето на правото, борбата против тероризмот и организираниот криминал, социо- економскиот развој, дигиталната технологија, помирувањето во регионот и добрососедските односи“, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

По првите шест месеци од реформскиот план неисполнети останале четири закони, меѓу кои и Законот за јазиците, истакна Османи, додавајќи дека направен е напредок и во комуникацијата со опозицијата за исполнување на реформите.

На 13-ти март во Брисел, Македонија ќе реферира до каде се реформите неопходни за добивање препорака за почнување на преговори со Унијата. Владата очекува валоризирање на постигнатите реформи и чиста препорака.

 

Ирина Гелевска