Безбедност

Ѓуровски: Потребни се нови, иновативни модели во безбедносната политика

07.03.2018 15:20

Потребни се нови, иновативни модели во безбедносната политика, вели доктор Марјан Ѓуровски. Промовираше книга за концептите во оваа област за соодветно да се одговори на ризиците и на заканите...

Универзитетското дело, прво од ваков вид ја навестува потребата од редефинирање на досегашните безбедносни политики. Со оглед на тоа што стратешките елементи кои беа цел на истражување се стари од пет до седум години, Македонија нема актуелна проценка на безбедносните ризици и закани, смета авторот на книгата. Според него, мора да се работи на промена на концептот на националната безбедност и носење на Закон на интегрална безбедност и подобрување на координацијата помеѓу надлежните институции.

„Од тука сметам дека и во делот на коорданиацијата на Владата со надлежните институции треба да се зајакне нејзината безбедносна улога преку воведување на функцијата потпретседател кој би бил кординатор на безбедносната заедница“, вели авторот доцент д-р Марјан Ѓуровски.

„Во книгата, безбедносната политика се дефинира како дел од општата политика и врз релевантни факти се добиваат соодветни методи за посакуваните цели“, вели еден од рецензентите, проф. д-р Пере Аслимовски.

Во книгата, авторот прави осврт и на актуелните односи помеѓу Атина и Скопје, чие решавање сѐ уште е неизвесно.

„Ние мора да имаме алтернатива Б, да се посветиме на домашните задачи. Да го реформираме безбедносниот, правосудниот и политичкиот систем независно дали денес или по една година ќе станеме членка на НАТО“, вели авторот на книгата.

Со промоцијата на книгата се затвори Регионална зимска школа за безбедност. Во последниве две години, основна тема беа мигрантските движења и безбедносните ризици во регинот.

Стевче Митревски