Постигнат договор

Решение за увоз на српското брашно

07.03.2018 16:02

Дел од маркичките ќе се лепат во Србија, дел во Македонија- репер ќе биде тежината на пакувањата. Потпишан договор за увоз на српско брашно во земјава. Ќе се бара долгорочно решение...

Министрите Николовски и Љајиќ се договорија. Контролните маркици за брашното во пакување од 1, 2 и 5 килограми ќе се ставаат во Србија, додека за поголемите пакувања од 25 и 50 килограми во Македонија. Со договорот се надминати проблемите околу увозот на српско брашно на македонскиот пазар, но министрите се договорија заеднички, преку посебен Комитет, да ги нотираат и да ги елиминираат сите вонтарифни бариери кои се пречка за зголемување на меѓусебната трговија. Првата средба е договорена за 14-ти март во Белград.

„Ќе бидат отворени сите овие прашања. Во рок од 30 дена ќе бидат нотирани сите прашања помеѓу двете министерства, односно бариерите кои што постојат на едната или на другата страна. Ќе се дискутира и за извозот на македонските производи :македонското вино, алкохолот, тутунот, земјоделските производи. Генерално, за сите бариери што постојат, ќе се разговара за меѓусебното признавање на сертификатите помеѓу двете земји“, изајви министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

Српскиот министер Љајиќ со искрен одговор, се најдовме на половина пат и затоа е рокот од 1 месец за надминување на бариерите на двете страни.

„Она што е многу поважно е дека денеска недвосмислено покажавме взаемна политичка волја и подготвеност да работиме на отстранување на сите вонцарински бариери и пречки што стојат на патот на меѓусебната трговија меѓу двете земји. Наша цел е постоечката стоковна размена од 767 милиони евра да ја зголемиме годинава до милијарда евра“, рече министерот за трговија на Србија, Расим Љајиќ.

Земјите од Западниот Балкан се мошне креативни кога се во прашање вонцаринските бариери, мислејќи дека со протекционистички мерки ќе бидат заштитени нашите економии, што е целосно погрешно, рече српскиот министер, затоа што малите економии можат да се развиваат само ако се целосно отворени. Правилникот ќе биде изменет уште денеска, најави министерот Николовски и нагласи дека овој мал проблем бил сигнал за двете Влади да ги разгледаат сите бариери и пречки кои што стојат пред зголемувањето на размената меѓу Македонија и Србија.

Според анализите на границите на земјите од западен Балкан годишно камионите чекаат околу 28 милиони часови, што транспортерите ги чини над 800 милиони долари.

Свето Николовски