Австрија

Повредени во вооружен напад во Виена

08.03.2018 10:19

Двоен вооружен напад во Виена. Приведен е осомничен Авганистанец кој со нож ранил Чеченец. Во тек е истрага за можна поврзаност со нападот врз семејството кај паркот Пратер...

Австриската полиција притвори 23-годишен Авганистанец осомничен за извршување на еден од нападите со нож во Виена. Во два одделни инциденти беа повредени четири лица. Лицето било приведено откако во болница бил донесен 20-годишен Чеченец со убодни рани. Се води истрага за тоа дали осомничениот е одговорен и за нападот врз тричленото семејство во центарот на австриската престолнина.

„Нападот со нож се случил синоќа пред барот зад мене, непознат маж нападна семејство. Татко, мајка и 17-годишна ќерка се сериозно повредени, животот им е во опасност. Првичната истрага и очевидците упатуваат на тоа дека нападот бил извршен со нож, но не се знае каков тип. По првиот следел уште еден напад кај плоштадот, каде што било рането уште едно лице. Засега немам доказ дека се поврзани инцидентите, но ќе истражуваме“, изјави Патрик Мајерхофер, портпарол на полицијата.

Областа е блокирана и се проверува теренот. Граѓаните се предупредени да не излегуваат доколку не е неопходно.

 

Маја Филдишев