Со низа манифестации се одбележува Меѓународниот ден на жената

08.03.2018 10:10

По повод празникот, Платформата за родова еднаквост ќе организира Марш за човекови права, кој ќе почне од „Жена Парк“, преку плоштадот Македонија, Камениот Мост и ќе заврши на плоштадот Филип Втори. Министерството за одбрана организира трибина на тема „Родова перспектива во одбраната“ која ќе се одржи во Воениот музеј во Скопје.

Меѓународниот ден на жената, 8-ми март, со низа манифестации ќе биде одбележан во Македонија. По повод празникот, Платформата за родова еднаквост ќе организира Марш за човекови права, кој ќе почне од „Жена Парк“, преку плоштадот Македонија, Камениот Мост и ќе заврши на плоштадот Филип Втори.

Министерството за одбрана организира трибина на тема „Родова перспектива во одбраната“ која ќе се одржи во Воениот музеј во Скопје.

По повод 8-ми март, Конфедерацијата на слободмни синдикати (КСС) ќе се приклучи на кампањата за спречување родово базирано насилство на работа.

Симфониски концерт насловен „Женски приказни“ ќе одржи вечер во Македонската филхармонија на кој солист ќе биде руската пијанистка од Германија, Олга Шепс, а оркестарот ќе го води нашата диригентка Елена Митревска која кариерата ја гради на европските сцени.

Меѓународниот ден на жената е денот кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Првиот Ден на жената е одбележан на 28-ми февруари 1909-та година во САД по иницијатива на Социјалистичката партија на Америка.

Во 1910 година во Копенхаген е одржана Првата меѓународна конференција на жените и на неа е одлучено да се прославува Меѓународен ден на жената, но без да биде утврден точен датум.

Следната година, на 19-ти март 1911-та година овој празник по прв пат е прославен од страна на повеќе од милион луѓе во Австрија, Данска, Германија и Швајцарија.