Англија

Рускиот шпион Скрипал бил отруен со нервен гас

08.03.2018 13:23

Рускиот шпион и неговата ќерка биле затруени со нервен гас- вели Британската полиција. Инцидентот се третира како обид за убиство и нема простор за паника, ниту пак, ризик од поголема безбедносна закана- смируваат властите. Станува збор за 66-годишниот Скрипал, кој е поранешен полковник на руската воена разузнавачка служба, кој во 2006-та беше осуден на 13 години затвор во Русија поради шпионажа. Тој за шпионажата примил 100 илјади фунти...

Службениците од Скотланд Јард потврдија дека супстанцата, искористена против поранешниот руски таен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка, е нервен агенс. Полицаецот кој меѓу првите пристигнал на местото на инцидентот исто така бил зафатен од супстанцата и се бори за живот. Помошникот на полицискиот комесар на Метрополитен, Марк Роули, издаде соопштение неколку часа по навестувањето на министерот за внатрешни работи, дека инспекторите се блиску до големо откритие.

„Јавната безбедност останува наш главен приоритет. Ова е ужасен инцидент и знам дека луѓето се загрижени. Но, би сакал да потенцирам дека во моментот нема ризик од поголема безбедноста закана“, изјави Марк Роули, шеф на антитерористичкиот оддел.

Роули изјави дека труењето се третира како обид за убиство, како и дека таткото и ќерката биле намерна цел. Додаде дека двајцата во моментот се наоѓаат в болница во критична состојба.

Скрипал е поранешен полковник на руската воена разузнавачка служба. По пензионирањето од службата во 1999-та година, работел во руското Министерство за надворешни работи до 2013-та годнина.

Во 2006-та година бил осуден на 13 години затвор во Русија под обвинение дека се занимавал со шпионажа во корист на британската служба МИ-6. Во 2010-та година е ослободен во рамките на размена на шпиони со САД, по што заминува во Велика Британија, каде што добива азил.

66-годишниот Скрипал и неговата 33-годишна ќерка во неделата беа пронајдени во бесознание на клупа во трговски центар во англискиот град Салисбери, по што беа префрлени во болница.

Марина Ристова