Блокада на Собранието

08.03.2018 16:31

Политичка клацкалка за Законот за употреба на јазиците. ВМРО-ДПМНЕ не остапува од амандманска расправа. Африм Гаши од БЕСА со став дека законот треба да се изгласа...

Додека Собранието си даде една недела слободно поради несогласувањата во владеачката коалиција за Законот за јазиците, се пеглаат различните ставови меѓу опозицијата и власта како до применлив закон. Дали една од опциите е лидерска средба на премиерот Заев, со коалицискиот партнер Ахмети и со лидерот на опозицијата Мицкоски? Претседателот на ВМРО ДПМНЕ вели дека тоа засега се само шпекулации. По неговата средба со Африм Гаши од БЕСА рече дека ставот на неговата партија останува непроменет. Вели- разгледување на сите амандмани, а ако власта сака треба да се зафати со реализирање на вистинските реформи.

Африм Гаши пак потенцира- Законот треба да биде изгласан. Потребен е политички дијалог, рече тој, не исклучувајќи ја можноста за влез на БЕСА во владата. Но, не по секоја цена, ќе зависи од понуденото.

Законот за јазиците е  шанса за опозицијата, за претседателот Иванов, но и за сите други да придонесат Македонија да стане силно кохезивно општество со заокружен нормативен дел на Охридскиот договор- став на Интегративците.

Артан Груби вели дека за решението е разговарано и предходно договорено и со ВМРО- ДПМНЕ. Ги отфрла шпекулациите дека владеачката коалиција е во криза, напротив-според него односите се одлични.

СДСМ му дава шанса на дијалогот. Сметаат дека со Законот се унапредуваат правата на сите етнички заедници.

 

Миле Ристески