Филипче: Ќе се менува Законот за абортус за да нема ризик по здравјето на жените

08.03.2018 15:58

Ќе се менува Законот за абортус, се укинуваат советодавните комисии за да се скрати постапката за жените кои ќе се одлучат да ја прекинат бременоста.

Законот со којшто се овозможува абортус ќе се менува, соопшти министерот за здравство Венко Филипче. Ќе се укинат дел од комисиите и советувањето пред да се одобри прекин на бременоста. Со ова ќе се прифатат барањата на невладините организации коишто бараа да се укинат пречките за абортус.

Со промените кои беа направени пред неколку години многу се усложни процедурата, се воведоа многу административни процедури, а сметаме дека дел од нив траат толку долго што може дури и да го загрозат здравјето на жената, рече министерот Филипче.

На средбата со женските организации по повод 8-ми Март, министерот за здравство ги слушна мислењата на жените со цел да се изнајде најдобро решение за Законот за абортус.